Екипата на Металург 2 која во пролетниот дел од сезоната ќе биде во битка за опстанок во Супер машката лига добива двајца ракометари од редовите на Бутел Скопје. Давор Шокоски и Марко Трајковски ќе се приклучат на тимот каде што тренер е поранешниот стратег на Бутел Скопје.
Шокоски е играч кој на почетокот на сезоната дојде од Прилеп, но не доби можност за многу да игра во редовите на Бутел Скопје. Тој настапува на позицијата лев бек.
Трајковски, пак, беше на поширокиот список на кадетската селекција за Светското првенство, но не успеа да се најде во оние кои што обезбедија место за првенството. Се работи за играч кој игра на пивотменската позиција.
Со овие двајца ракометари се зголемува конкуренцијата на Металург 2, па Котевски добива на располагање поголем избор на играчи со кои ќе може клубот да биде и поконкурентен во продолжение од сезоната.