Червар: Нема да ја водам Хрватска ниту на Европско ниту на Светско првенство

Репрезентацијата на Хрватска загуби во финалето на Европското првенство против селекцијта на Шпанија со 20:22. Имаше голема тага во очите на сите ракометари,а имаше и нервоза кај Червар.

После натпреварот тој, сепак, коментираше смирено и објави дека ова му беше последно Европско првенство.

„Горд сум што ја водев Хрватска и благодарен сум им на сите играчи и сите кои беа дел од стручниот штаб. Сите се прекрасни луѓе. На никого немам што да му префрлам. Секако, во иднина нема повеќе да ја водам репрезентацијата ниту на Европско ниту на Светско првенство. Со тоа веќе се простив. Благодарен сум им на играчите и мислам дека со гордост можеме да си одиме дома“, рече Червар.

За натпреварот имаше сосема поинакво видување и објасни дека денеска многу недостигал Циндриќ, кој не можел да настапи.

„Во рововската битка која денеска беше на на теренот во Стокхолм тие имаа повеќе ширина и искуство. Ние имавме проблеми бидејќи Циндриќ не можеше да игра и беше тешко против нивната одбрана која беше цврста и силна. Сепак, потклекнавме во последните пет минути. Треба да им се честита на ракометарите за сите одлични натпревари кои ги одиграа на Европското првенство. Штета за ова финале, но мораме да се помириме со тоа и да бидеме задоволни со она што го имаме“, коментираше Червар после финалето.

Ова беше уште едно загубено финале за Червар, кој во кариерата има дури седум сребрени медали и само три златни.