Денеска во „Штадхале Арена“ во Виена ќе се одиграат последните три натпревари од главната рунда на Европското првенство. Дербито на денот ќе биде дуелот меѓу Шпанија и Хрватска.
Таа репрезентација што ќе победи ќе го освои првото место во групата и ќе го избегне првопласираниот тим во другата група, а тоа најверојатно ќе биде еден од главните фаворити за злато – Норвешка.
Интересен факт за овој натпревар е што на теренот во „Штадхале“ ќе бидат петмина ракометари од златната генерација на Вардар од 2017 година.
Лука Циндриќ и Игор Карачиќ на една страна за Хрватска, ќе играат против Шпанците Жоан Кањелас, Хорхе Македа и Алекс Душебаев.
Натпреварот започнува од 16:00 часот.