Некогашниот член на Вардар, а сегашен на полскиот Келце – Игор Карачиќ, е во одлична форма на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Средниот бек е еден од главните адути на селекторот Лино Червар, а по големиот пресврт на дуелот со Германија се потсети на дуелот меѓу Вардар и Барселона лани во Келн.
„Навистина се сетив на Вардар и на тој натпревар во Келн. Македонија е мојот втор дом, секогаш сум поврзан со оваа држава. Луѓето таму се добронамерни, прељубезни, ќе ве примат секогаш во својот дом и ќе ви понудат помош. Ако сте гурман и сакате добра храна и пијачка, дојдете во Македонија и нема да зажалите“, вели Карачиќ.
Хрватска денеска ќе се соочи со репрезентацијата на Чешка, и доколку слави, а и Шпанија ја победи Белорусија, задутре овие две селекции ќе се борат за првото место во групата 1 на ЕП.