Репрезентацијата на Хрватска по голема борба и голем пресврт славеше над Германија со минимални 25-24 во драматичен натпревар во „Штадхале Арена“. Со овој триумф избраниците на Лино Червар веќе го обезбедија местото во полуфиналето и дуелите со Чешка и Шпанија нема да имаат (пре) голема важност.
„Навистина беше тежок натпревар. Премногу сум горд на овие момци и на целиот тим, на стручниот штаб. Не беше воопшто лесно да играме. Сакавме во пет минути да го решиме мечот. Се договоривме дека сите 60 минути мораме да бидеме борбени. Покажавме карактер и борбен дух. Овој меч и начинот на кој победивме ме потсети на Вардар и Лигата на шампионите кога губевме од Барселона. Морате во нешто силно да верувате за тоа да се оствари. Луѓе радувајте се, среќни сме што обезбедивме место во полуфинале“, изјави Карачиќ.
За Хрватска остануваат уште два меча со Чешка и Шпанија кои нема да влијаат на пласманот во полуфиналето, туку само на местото на табелата.