Репрезентацијата на Хрватска по голема борба и голем пресврт славеше над Германија со минимални 25-24 во драматичен натпревар во „Штадхале Арена“. Со овој триумф избраниците на Лино Червар веќе го обезбедија местото во полуфиналето и дуелите со Чешка и Шпанија нема да имаат (пре) голема важност.
Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, а потоа Германците ја преземаа контролата на теренот и се одлепија на водство со три гола, 6-9. Циндриќ и Степанчиќ за момент намалија на 8-9, но потоа Бундес покажа дека неправедно беше потценет пред стартот на мечот од ракометната јавност.
Избраниците на Кристијан Прокоп реализираа преку Хафнер и Бом, а Вулф на голот собра некоја одбрана, па Германија имаше највисоки плус пет, 8-13 во 27. минута. Лино Червар викна тајм-аут, неговите избраници за момент се разиграа и стопија дел од негативата. Сепак со гол во последната секунда од пенал, Германија замина на пауза со водство, 11-14.
Бундес тимот имаше во повеќе наврати плус пет и во второто полувреме, но „коцкестите“ не се предаваа. По 18-21 за Германија, Хрватска преку Хорват, Дувњак и Мандиќ комплетно се врати во игра и израмни на 22-22 во 48. минута што беше најава за возбудлива завршница.
По неколку напади без погодок на двете страни, Германија стигна до 22-23 со удар од пенал, а Карачиќ израмни со прекрасен погодок, 23-23. Беше и 24-24, а некогашниот вардарец даде гол и за 25-24 на една минута до крајот. Германците упатија удар, но Шего одбрани, и победата остана за „коцкестите“.