Бранителот на европската титула Шпанија со доста мака успеа да го совлада домаќинот Австрија со 30:26. Фаворитот долго го кршеше отпорот на борбените Австријци и успеа дури во вториот дел.
Двете селекции започнаа ефикасно и сигурно ги реализираа нападите, за само шест минути игра резултатот беше 5:5. Следуваа две реализации на Алекс Душебаев и Арињо од контра и Шпанија го имаше првото водство од два гола.
Шпанија поведе и со 8:5, но Австријците брзо се вратија во игра и го израмнија резултатот на 8:8 во 13. минута. Коралес и Ајбергер се разбранија, Шпанците направија неколку грешки во нападите, а Австријците не реализираа три контри и повторно беше 10:10 во 20. минута.
До крајот на првите 30. минути се играше гол за гол,а во финишот Шпанија успеа да обезбеди минимална предност по првиот дел од 17:16. Австрија беше ослабена затоа што Хербургер во 26. минута доби директен црвен картон после еден остар старт.
Во продолжението Шпанија го подигна нивото на игра и започна да се одлепува. Голема поддршка Шпанците имаа од Коралес кој имаше фантастично издание и во вториод дел, а во нападите сигурно реализираа и во 45. минута веќе имаа водство од 25:20.
До крајот на мечот искусниот тим на Жорди Рибера немаше проблеми да го приведе натпреварот до крај за сигурна победа од 30:26. Со овој триумф Шпанија го задржува максималниот учинок на шампионатот. Австрија го доживеа и вториот пораз во главната фаза.
Најефикасен на натпреварот во селекцијата на Шпанија беше Хорхе Македа со шест гола и беше продласен за играч на мечот, а по четири гола постигнаа Ентрериос, Фигуреас и Арињо. Коралес собра девет интервенции. Во тимот на Австрија Божовиќ беше најпрецизен со пет погодоци.