Репрезентациите на Белорусија и Чешка одиграа максимално израмнет натпревар во второто коло од главната фаза во групата 1 на Европското првенство. На крај поуспешна од овој дуел излезе Белорусија која славеше со 28:25.
Двете селекции немаат шанси да се борат за пласман во полуфиналето, па ова беше дуел за што подобар пласман на првенството и први бодови во главната рунда. Белорусија беше во поголемиот дел од првото полувреме во предност, но тоа беше минимално.
Чешка постојано беше на минус еден негатива или нерешено, но никако не успеваше да го преземе водството. До крајот на првиот дел предността се задржа на страната на Белорусија и на одмор заминаа со 13:11.
Во продолжението на натпреварот работите на теренот не се променија многу. Повторно Чешка најмногу што направи беше да стигне до израмнување, но Белорусите брзо го враќаа водството од два гола кое беше актуелно во најголемиот дел од вторите 30. миунти. Таквиот резултат се одржа до крај на мечот за прва победа на Белорусја во главната фаза.
Најефикасен во составот на Белорусија беше Микита Ваилупау со шест гола, а Каралек, Јуринок и Никуленкау постигнаа по пет гола. Во репрезентациајта на Чешка, Ондреј Здрахала постигна седум погодоци и беше избран за играч на натпреварот, додека Кашпарек шест пати се запиша во листата на стрелците.