По трите победи над Летонија, Холандија и Германија, во групната фаза во Трондхајм, европскиот шампион Шпанија и понатаму продолжува во исто темпо. Избраниците на Жорди Рибера славеа и на првиот меч од главната рунда против селекцијата на Чешка со 31-25.
Чесите одржуваа резултатска рамнотежа во првите петнаесетина минути кога беше 7-7, а потоа Алекс Душебаев и Сармиенто со серија погодоци донесоа 14-9 за Шпанија, резултат со кој се замина на пауза.
„Фуријата“ водеше и со плус седум, 19-12, но Чесите беа упорни. Здрахала и Кашпарек и правеа многу проблеми на шпанската одбрана и намалија на 20-17. Чешките селектори решија да играат седум на шест, но тоа им се удри од глава, па за една минута Шпанија погоди три пати и поведе со 23-17.
До крајот немаше дилеми околу конечниот победник. Најдобри стрелци во шпанската селекција беа Алекс Душебаев и Анхел Фернандез со по пет погодоци, а голманот Де Варгас собра десет одбрани. Кај Чешка се истакнаа Кашпарек со шест и Здрахала со пет погодоци.
Во следните два меча од групата ќе играат Австрија против Хрватска, како и Германија против Белорусија.