Откако во текот на вчерашниот ден доби рок од 24 часа од Руската ракометна федерација, сам да си поднесе оставка, Едуард Кокшаров денеска го направи очекуваниот потег.
Тој не е повеќе селектор на националниот тим на Русија, а за оваа одлука го информирал претседателот Сергеј Шишкарев.
„Не можам да продолжам да ја водам репрезентацијата, бидејќи не ја исполнив целта, иако работев со цело срце и душа. Му посакувам на тимот многу победи во иднина, верувам дека ќе ги има. Благодарам на федерацијата за довербата и што ми ги обезбеди сите услови за работа“, изјави Кокшаров.
Спортскиот директор на Вардар ја презема функцијата во јули 2017. Под негово водство, тимот беше дел од СП во Германија и Данска, и заврши на 14-то место, додека на ЕП 2020 заврши на 22-то место.