Кокшаров доби рок – има 24 часа сам да си поднесе оставка!

Репрезентацијата на Русија го заврши настапот на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска исто како Македонија – по првата фаза. Селекторот Едуард Кокшаров, не беше задоволен со билансот од три порази најави заминување од функцијата.

„Размислувам да поднесам оставка. Кога ќе се вратиме во Русија ќе разговарам за тоа со претседателот на федерацијата, Сергеј Шишкарев“, најави Кокшаров за рускиот „Брз Центар“.

Претседателот на федерацијата Сергеј Шишкарев, беше остар во критиките и најави дека некој мора да понесе одговорност.

„Ако Кокшаров сака да чека тоа да го решиме на Управен Одбор во федерацијата, нека чека. Но сметам дека секој што се почитува себе си мора сам да го донесе своето решение. Му давам 24 часа на селекторот, да донесе одлука и да си поднесе оставка“, вели Шишкарев за руските медиуми.

Русија минимално загуби од Унгарија, потоа беше комплетно надиграна од Исланд, а прикажа солидна игра против светскиот првак Данска, но не освои ниту еден бод.