Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров после средбата против Австрија имаше подолго излагање и одговараше на прашањата за она што беше направено.
Самиот потврди дека бил изненаден од играта на противникот и дека не очекувал Австрија да одигра така како што одиграла особено во обидите да го запре.
„Одигравме тежок натпревар, загубивме и заслуживме секаква критика. Повеќе боли тоа што натпреварот го загубивме во првите 15 минути. Морам да бидам коректен и да признаам дека ме изненадија со играта во одбрана 5+1, со полуфластер на мене, не наведоа на технички грешки, па дури и зицерите кои ги имавме ги промашувавме. Не треба да се биде многу паметен иако јас не сакам после натпревар веднаш да анализирам додека сме жешки во главите без разлика дали е после победа или пораз. Треба да се остане смирен, да се видат добро работите и видиме на што сме“.
И покрај поразот тој смета дека Македонија може да се носи со оваа репрезентација на Австрија и дека можела до подобар резултат.
„Со оваа Австрија можеме да играме. Бевме изненадени и натпреварот го загувме во првите 15 минути. На вакви натпревари секоја топка е важна и секој гол. Не смееш да дозволиш технички грешки и да го разбраниш противничкиот голман. Сега кои се причините е сосема друго. Дали се работи за недоволен квалитет, недоволна фокусираност, недоволно добра тактичка подготвеност… Има милион работи кои треба да се анализират. Сега е најлесно да се бара кој промашил, кој требало да додаде… во таква ситуација доаѓа до хаос“.
Вели и дека нема предавање туку мора да се продолжи во ист стил.
„Македонија мора да продолжи на големите натпреварувања. Ќе мора да најдеме начин да го изведее тоа. Имаме квалитет и не треба да се разочаруваме. Ако се разочараме и го фрлиме пешкирот тогаш не ги почитуваме оние Македонци кои дојдоа овде, потрошија средства и време за да бидат со нас. Тоа е нешто неверојатно, па е и жално. Сепак, треба да се види каде погрешивме и да одиме напред. Штом некој ќе дојде во Виена од Скопје или од некаде од Европа тогаш тоа мора да се почитува“.
Воедно смета дека мора да се вложува и понатаму во ракометот.
„Македонската нација има навикнато на сериозни работи од нас. Ова е најсветото што го имаме од репрезентацијата. Ниту една селекција не може да има вакво богатство да има 5-6000 гледачи кои би дошле толку далеку за да не бодрат. Сепак, мораме да ставиме црта и да одиме напред. Сега е најлесно да се најдат виновници и да се бара кој погрешил. Меѓутоа не треба да се барат поединци туку мораме да продолжиме. Македонија мора да го негува спортот, а особено ракометот“.
Македонија се враќа дома од Европското првенство, па останува да се види како ќе течат работите на дуелот Чешка – Украина пред да се знае каков ќе биде патот во квалификациите за следниот Мундијал.