Тимот на Вардар сезонава мака мачи со голманската позиција, но откако доби шанса Марко Кизиќ да застане меѓу стативите, веднаш влезе во фокусот на ракометна Европа. Младиот македонски репрезентативец се потсетува на моментите од завршниот турнир во Келн, кога не доби шанса за настап, но беше дел од тимот.
„За мене тоа беше едно одлично искуство исполнето со еуфорија која тогаш беше многу силна. Бев фокусиран на играта и на теренот, не можев оо тој момент да ги видам реакциите на навивачите. По дуелот гледав видеа, па кога видов како сите реагираа се чувствував фантастично“, изјави Кизиќ.
Тој е дел од голманската тројка на европскиот шампион заедно со Калифа Гедбан и Артурс Кугис, а заедно работат под водство на Дејан Периќ.
„Привилегија е да се игра за тим каков што е Вардар, затоа што секој ден работиш со играчи и тренери од светски калибар. Тоа е одлична шанса за млад голман како мене да напредува и да учи, а воедно да игра и ракомет на највисокото можно ниво. Имаме одлична соработка со Гедбан и Кугис, работиме заедно за сите да бидеме на највисоко ниво. Исто така ние сме и добри пријатели“, продолжува Кизиќ.
Вардаар започна добро во новата сезона со три победи, но потоа следеа поразите од Кил и Веспрем, па неколкуте повреди на клучни играчи.
„Имаме добри резултати во Лигата на шампионите, иако имаме голем број на проблеми поради повредите. Во последниот меч со Келце ги немавме Кристопанс и Дисингер, но и покрај тоа дојдовме до добар резултат. Сигурен сум дека и оваа недела не чека нов тежок меч, ама ќе го дадеме најдоброто од себе на терен. Целите на тимот секоја година се исти – сите ја посакуваме титулата. Лично, сакам да стигнеме до Ф4 турнирот во Келн. Секој играч сонува да игра за екипа со вакви амбиции“, заврши Кизиќ.
Вардар во осмото коло од Лигата на шампионите ќе игра со Келце денеска од 18:00 часот, а Кизиќ ќе биде дел од голманското трио со Гедбан и Кугис.