Лино Червар пред Нова Година остана без еден од планираните десни бекови за настап на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Данска. Лука Шебетиќ се „повредил“ во сон, иако Червар сериозно сметаше на него за ЕП, мораше да повика нов десен бек. Во националниот тим сега е Јосип Векиќ, кој треба да биде поддршка за Лука Степанчиќ.
„Лопатката е проблем, извесна ’рскавица која била под неа. Едноставно, преку ноќ испаднала од чашката. Шебетиќ почувствувал, како што кажа, крцкање, па тоа се претворило во воспаление, болка и на крајот моравме да одиме на снимање, каде проблемот е воочен. Иако тоа го мачи веќе некое време, не очекувавме дека тоа ќе се случи и дека ќе биде крајот“, изјави физиотерапевтот на Хрватска, Дамир Кајба за хрватските медиуми.
Интересно е што Шебетиќ, откако Червар не го повика за ЕП во 2018 година, решил да се посвети на религијата. Не ја губел надежта за камбек во националниот тим, и често одел во црква, на молитви, а кога е во можност пее и во црковен хор.
Хрватска е во групата А што ќе се игра во австрискиот Грац, заедно со Србија, Црна Гора и Белорусија.