Десното крило Мартин Поповски со тимот на Вардар ја освои титулата во Лигата на шампионите во на завршниот турнир во Келн, а откако не го продолжи договорот со „црвено-црниот“ тим, се реши за преселба во составот на Пролет. Одличните настапи за овој тим му донесоа место во националниот тим и се најде на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац за настап на ЕП.
„Оваа 2019 година дефинитивно ми е најуспешна во кариерата. Освоив многу трофеи, со Вардар имав бројни фантастични моменти. Иако не играв премногу во ЛШ, добивав шанси во СЕХА и во домашниот плеј-оф, мислам дека добро ја оправдав довербата на стратезите. Потоа по долги години решив да си заминам од клубот и да се преселам некаде каде што би играл повеќе. Од опциите кои ми беа на маса го избрав Пролет и верувам дека не згрешив. Во прв момент не беше лесно бидејќи веднаш добив значајна улога во тимот, но од друга страна, тоа беше она што го очекував со самиот трансфер и верувам дека се покажав во добро светло. Кога ќе се добие шанса, треба да се искористи, а јас добро се снајдов, лесно се адаптирав, за тоа заслуга имаат и соиграчите од кои бев одлично прифатен во екипата. Работиме напорно, имаме одличен тимски дух што ја краси нашата екипа и се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и во вториот дел од сезонава. Првичната цел ја исполнивме со тоа што дојдовме на чекор до плеј-офот, верувам дека можеме да се носиме и со поголемиот дел од ривалите во разигрувањето за највисок пласман“, вели Поповски.
Одличните настапи за Пролет му овозможија на Поповски и камбек во националниот тим, откако на претходните средби не беше повикуван од страна на селекторот. Тој порачува и дека задачата на нашата репрезентација во групата во Виена нема да биде нималку лесна.
„Можеби противниците не се премногу атрактивни, но тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Австрија и домаќин, со Чешка традиционално имаме проблеми, додека Украина може да биде незгодна. Групата е тешка, понатаму одат две селекции, така што навистина ќе мораме да дадеме се од себе доколку сакаме да се пласираме во следната рунда“, завршува Поповски.