Кондев спречи радост на КЛ7 во Кавадарци, Тиквеш ќе презими на максимум!

Ракометарите на Тиквеш од Кавадарци ќе ја минат зимската пауза на лидерската позиција на табелата во групата 2 од Првата лига, откако во натпревар од 12 коло го победија тимот на КЛ7 со минимални 22-21.

Дербито што се играше во полната сала „Јасмин“ во Кавадарци ги оправда очекувањата и беше решено во последната минута. На паузата Тиквеш имаше предност од 12-7, а потоа и 16-11 на средината на вториот дел, па ретко кој очекуваше камбек на гостинските ракометари.

Но токму тоа се случи. КЛ7 најпрво израмни на 19-19, потоа беше и 20-20, па 21-21, пред левото крило Дарко Кондев да го постигне победничкиот погодок за 22-21 и голема радост на кавадарчани. Најдобри стрелци кај нив беа искусните Јанчев и Грозданов со осум, односно седум голови.

Кај КЛ7 најдобри беа младинските репрезентативци Кристијан Симоноски со шест и Бобан Каковски со четири голови. Тиквеш сега има 36 бодови на првата позиција, а КЛ7 е втор со 30, но и двете екипи веќе го имаат обезбедено местото во плеј-офот.