Ќе има чистка во Веспрем, најавени се големи промени!

Еден од најсилните клубови на европска сцена, Веспрем имаше лоша сезона. Покрај тоа што клубот остана без пласман на завршниот турнир во Келн, дозволи на домашна сцена да ја изгуби шампионската титула од ПИК Сегед во националното првенство.

Веднаш после поразот од ПИК Сегед, раководството на Веспрем одлучи да му даде отказ на тренерот, Давид Дејвис.

Спортскиот директор на клубот, Ласло Наѓ најави радикални промени во тимот, односно чистка и во стручниот и во играчкиот кадар на екипата.

„По неуспешната сезона, за жал, моравме да го разрешиме главниот тренер на тимот. Би сакале да му се заблагодариме на Давид Дејвис за неговата работа овде. Можам да ги уверам сите, дека наскоро ќе има радикални промени во тимот. За овие измени, ќе можеме да дадеме повеќе информации на 1 јули”, изјави Ласло Наѓ.

Во двата натпревари за шампионската титула на Унгарија, Веспрем беше поразен од ПИК Сегед. На првиот натпревар во Сегед, Веспрем загуби со 31:28, додека на реваншот резултатот беше 37:36 во корист на новиот унгарски шампион.