Јуниор продолжува на искуство: Магдинчев останува на клупата во Кисела Вода

Ристо Магдинчев, тренер со богато ракометно искуство зад своето име ќе ја води екипата на Јуниор Кисела Вода и во пролетниот дел од сезоната во македонската Супер лига. 71-Годишниот ракометен ветеран дојде да помогне во клубот во време кога пандемијата која ја предизвика ковид-19 прави проблеми во сите спортови вклучувајќи го и ракометот.

Додека тренерот на екипата Благојче Весиќ се бореше со вирусот, Магдинчев го презема водството на екипата, а трите одиграни натпревари и победата над скопскиот ривал КЛ7 беа доволни раководството на клубот да го промовираа искусниот лисец во нов кормилар на суперлигашот од Кисела Вода.

Поради корона кризата добив покана од Јуниор Кисела Вода да им помогнам. Ја прифатив поканата и стартувавме одлично, имавме три победи.- вели Магдинчев.

Официјалната вест за одложување на ракометната пензија на некогашниот тренер на Висп, Железничар Сараево, Металопластика Шабац, Пелистер, Ловќен Цетиње, Борац Урошевац, Жито Вардар, Катар, Ал Кадисија, Саудиска Арабија, Венисие и Париз Сент Жермен, пристигна на државниот празник „Св. Климент Охридски“.

“Од денеска официјално потпишав договор со Кисела Вода Јуниор, кој е со важност до крајот на сезоната. За мене ова е добар предизвик за работа, а целта за мене и екипата ќе биде опстанок во Супер лигата”, потврди за 24ракомет, Ристо Магдинчев.

Пред составот на Магдинчев остануваат уште два натпревари до крај на зимскиот дел од сезоната, против Радовиш и Пролет. Јуниор Кисела Вода во моментот се наоѓаат на 6. позиција во групата А и во пролетниот дел ќе се борат за опстанок во плеј-аут фазата на македонскиот шампионат.