Јуниор КВ не дозволи изненадување, славеше против Металург РА

Ракометарите на Јуниор КВ во натпревар од Првата машка лига славеа на гостувањето во Автокоманда кај Металург РА со 37:29. Двете екипи одиграа интересно прво полувреме во кое имаше надигрување и одмерување на силите.

Јуниор КВ добро го започна натпреварот, имаше водство од 4:0 и 6:3 во првата половина од првиот дел. Ракометарите на Металург РА преку Прцуловски, Георгиевски и Христоски започнаа да фаќат приклучок и да претставуваат сериозна закана кон нивниот противник. Во завршните минути од првото полувреме, Металург РА за прв пат обезбеди водство од 13:12 откако претходно беше 12:12. Искусната екипа од Кисела Вода подобро се снајде во самиот финиш и успеа на полувреме да замине со предност од 15:13.

Металург РА добро се држеше во првите минути од второто полувреме, но во преостанатиот дел поради падот во играта, екипата на Јуниор КВ лесно дoaѓаше до погодок, а со тоа и до поголема предност. Избраниците на Игор Котевски на десетина минути пред финишот имаа сигурно водство од 30:23. Тоа за нив беше сосема доволно за резултатска контрола и за нова победа во рамките од Групата Б.

Во победничката екипа, Филип Николов и Христијан Николовски беа најефикасни со по осум погодоци. Во таборот на Металург РА прв стрелец беше Александар Прцуловски со девет погодоци.