Јагуриновски и Палевски беа доволни за победа на Пролет против Скопје (Фото)

Екипата на Пролет ја оствари петтата победа во новата натпреварувачка сезона, откако во натпревар од 6. коло од Суперлигата на свој терен го совлада незгодниот состав на Скопје, со резултат 30:22. Пролет во сите 60 минути беше во водство, но без поголема комоција во играта, па поради тоа мораше добро да се испоти за да стигне до трите бода.

Ракометарите на Пролет имаа одличен старт во дуелот против Скопје и со погодоците на Василевски и Аларов поведоа со 3:0 во воведниот дел. Составот на Кузманоски првиот гол го постигна по осум минути игра преку српскиот интернационалец Жарко Барјактаревиќ, кој во понатамошниот тек од првото полувреме беше меѓу најрасположените играчи на теренот. Пролет ја користеше секоја невнимателност на спротивниот табор, поведе со 4:1 во 10 минута и најави дека ќе атакува на сигурна победа.

Скопје никако не можеше да фати приклучок, спората игра во напад и лошата одбрана, која дозволуваше премногу простор на домаќините, беше причина за константната предност на составот на Лембанов, кој со експонираниот Јагуриновски по првата половина од првиот дел дојде и до пет гола разлика, 10:5.

Пролет во еден момент имаше и шест гола разлика, 12:6, но тимот на Скопје не се предаваше лесно и во последните пет минути од првиот дел заигра поангажирано, со цел да ја преполови негативата и да направи камбек во градското дерби. Домаќините имаа пад на играта во самиот финиш од првото полувреме, сепак, не дозволија гостите да направат целосен пресврт и на пауза заминаа со минимално водство од 15:13.

Пролет – Скопје 2022

Овие три гола разлика не беа доволно за сигурна победа на Пролет, бидејќи како одминуваше времето Скопје фаќаше приклучок. Голманот на Скопје, Радовановиќ продолжи да брани во одличен елемент меѓу стативите и не дозволуваше лесно да биде совладан како во првиот дел. По водството на Пролет од 20:16, гостите со два гола во низа намалија на 20:18 во 45 минута, а минута подоцна со голот на Киселовски конечно дојдоа до минус еден 20:19.

Кризниот период на пролет беше прекинат со голот на Јагуриновски и во последните десет минути избраниците на Лембанов ја имаа контролата на резултатот. Домашниот состав во последните осум минути влезе со предност од 24:20 и веќе тука беше јасно дека Скопје е пред (не)возможна мисија за освојување на барем бод. Гостинот немаше предводник во клучните моменти кога требаше да се избори за егал и целосно капитулираше во финишот од дуелот.

Најефикасни во победничката екипа беа Томислав Јагуриновски и Давор Палевски кои постигнаа по 11 гола. На голот на Пролет, Данило Михаљевиќ имаше 15 одбранети удари. Кај гостите се истакна Жарко Барјактаревиќ со седум гола, а голманот Никола Радовановиќ имаше 11 интервенции.