Шишкарев: Прекршено е правилото „политиката надвор од спортот“

Капитените на сениорската репрезентација на Русија од машка и женска конкуренција, Данил Шишкарев и Дарија Дмитриева, го поддржаа апелот на капитените на младинските руски репрезентации кон ИХФ и ЕХФ.

Поранешниот ракометар на Вардар, Данил Шишкарев смета дека во моменталната ситуација во која се наоѓа Русија треба да важи правилото „политиката надвор од спортот“.

„Ние решивме да дадеме поддршка за играчите од младински репрезентации и тимови на Русија. Буквално сите меѓународни организации и федерации беа согласни дека политиката треба да биде надвор од спортот. Сега тоа правило е 100% прекршено. Апсолутно за ништо не се виновни спортистите од 17 до 20 години, како и нивното гледање на моменталната ситуација во светот. Дури и за нас, веќе истакнатите спортисти, не е лесно да се одржуваат тренинг кампови кои немаат конечна завршница во форма на официјални натпревари“, изјави Шишкарев.

Истото мислење го дели капитенот на женската репрезентација на Русија и соиграч на Сара Ристовска во ЦСКА Москва, Дарија Дмитриева.

„Веќе девет години играм за репрезентацијата, го поминав системот на младински тимови и разбирам колку е важно постојано да се игра со врсници од други земји. Играњето на големи турнири е од суштинско значење за играчите. Руската женска репрезентација постигна одлични резултати на последните две Олимписки игри, освојувајќи златни и сребрени медали. За младите ова е пример, односно водич. Затоа, сите ракометарки на женската репрезентација целосно го поддржуваат апелот на нашите младински селекции до ИХФ и ЕХФ со барање да им се дозволи на руските клубови и тимови да учествуваат на меѓународни натпревари“, изјави Дмитриева.