Шешиќ: Не сум задоволен од одбраната – примивме многу голови

Охрид беше фаворит на дуелот со Вардар Неготино и победи со 28-25, но гостите дадоа силен отпор до самиот крај. Тоше Ончев со девет погодоци и Дејан Шешиќ со седум беа најдобри поединци против Вардар Неготино.

Со овој триумф Охрид направи голем чекор кон пласманот во плејофот на половина од регуларниот дел од сезоната и мечевите од групната фаза. Охрид е во Топ-4 од осумте екипи во групата.

 „Секогаш кога ќе го потцениш противникот, не дека ние го потценивме, но влеговме опуштено во натпреварот и мораше 60 минути да се мачиме со Вардар Неготино, кој се бореше машки. Сепак искуството наше победи, исто така и тоа што ја стегнавме играта во одбрана во последните минути од натпреварот“, изјави Ончев.

Интернационалецот во тимот на Охрид, Дејан Шешиќ смета дека одиграле послабо во одбрана и примиле многу голови.

„Не сум задоволен од нашата игра во одбрана, примивме многу голови и тоа не доведе да се бориме во текот на сите 60 минути. Не ја потценувам екипата на Вардар Неготино, но можеше да биде подобро. Многу наши промашени зицери не доведоа до ваква завршница. Видовме дека можам да играм еден на еден и да постигнам голови, па го искористивме тоа во клучни моменти“, изјави Шешиќ.

Во следното коло Охрид на домашен терен ја пречекува екипата на Бутел.