Шарановиќ: Испишавме историја со Куманово, а чувството е неверојатно

Интернационалката од Црна Гора, Ана Шарановиќ одигра одлична сезона во дресот на Куманово и со тимот успеа да ја освои двојната круна, Купот на Македонија и домашното првенство.

Црногорката во интервју за црногорскиот „Мондо“ зборуваше за нејзините впечатоци од Куманово, настапите со клубот и остварените резултати во двете сезони.

„Куманово испиша историја за оваа година бидејќи клубот постои од 1929. Ова е прв пат клубот да освои двојна круна и му се придруживме на Металург, Вардар и Кометал ЃП како единствени освојувачи на титулата во Македонија. Првенството го завршивме без пораз, а на свое конто немаме пораз од март, 2019 година, тоа значи дека над 45 натпревари во Супер лигата остваривме победа”, изјави Шарановиќ.

Младата ракометарка во 2018 година пристигна во редовите на Куманово и беше една од најзаслужните за освоената титула во Купот на Македонија за сезона 2018/2019.

„На почетокот имав малку трема бидејќи бев прв странец во екипата, а за Купот во 2018 бевме аутсајдери, но го освоивме Купот и јас бев прогласена за најдобар стрелец со 16 постигнати голови на вкупно два натпревари. Чувството е неверојатно за постигнатиот успех, посебно во град како Куманово бидејќи во градот се вложуваше само во кошарка, а во последните години почна да се вложува и во женскиот ракомет”, заврши Шарановиќ.

Моментално Шарановиќ е во Подгорица каде одработува персонални тренинзи и наскоро се очекуваат повеќе информации за нејзината кариера. Нејзината желба е да заигра во некоја од квалитетните лиги во Европа.