Чупиќ: Дојдовме како фаворити на Ф4 турнирот и ја оправдавме улогата

Ракометарот кој ја доби наградата МВП на завршниот турнир во Купот на Македонија, Иван Чупиќ имаше причина да биде задоволен бидејќи ги игра последните натпревари во „црвено-црниот“ дрес.

Тој после средбата на која Вардар го совлада Еурофарм Пелистер со 26:24 им честиташе на колегите за направеното на теренот.

„Честитки за цела екипа и стручниот штаб. Одигравме добар турнир. Дојдовме како фаворити на Ф4 турнирот и го оправдавме тоа. Финалето секогаш е тврдо. Имавме одлична одбрана и одличен голман во првото полувреме, како и лесни голови. Во вториот дел Еурофарм пелистер го покаѓа својот квалитет и се врати во натпреварот и се бореше до крај. Ние сме заморени, но на крајот покажавме карактер и го задржавме водството и мислам дека заслужено го освоивме купот“, рече Чупиќ после натпреварот против Еурофарм Пелистер.

Како и сите во Вардар и тој очекува и првенството да го финишираат со максимален број на победи.

„Тоа е еден натпревар до крајот на првенството. Имаме добар резултат од првата средба. Целта на оваа екипа е да обезбедиме добар резултат и во ова првенство и да завршиме со титула. Пелистер е одлична екипа, но ние сакаме да покажеме карактер и до крај да ги добиеме сите натпревари“, коментираше играчот на Вардар.

Нова средба меѓу тимовите кои беа дел од ова финале во Купот на Македонија се игра в четврток во Битола.