Чупиќ: Бевме уморни, не земавме плата, но со Вардар докажавме дека чуда се случуваат 

Ракометарот на Вардар, кој беше дел од двете титули во Лигата на шампионите, Иван Чупиќ во интервју за сајтот на Европската ракометна федерација зборува за својот живот и целата своја кариера, а меѓудругото и за својот претстој во Вардар и за успесите кои тимот ги постигна.

Тој дојде во Вардар од Келце со освоена титула во Лигата на шампионите од 2016 година и веќе следната година одново се искачи на тронот. Тоа беше првата титула за „црвено-црните“ и успех за кој уште се зборува.

„Кога дојдовме до првата титула во 2017 година, која за мене беше втора, во Вардар имаше визионер на водечкото место, а тоа беше Сергеј Самсоненко. Тој беше човекот што инвестираше во тимот неколку години. Таа година имавме мешавина од младост и искуство, имавме некои врвни Шпанци и одличен тренер во Раул Гонзалес. Во тие момент сè се вклопи одлично. Целиот тим кликна како што треба, а ние цело време се дружевме. Тоа заедништво, самата врска меѓу играчите беше одлучувачка и успеавме да го победиме индивидуалниот квалитет на другите клубови“, вели Чупиќ.

Во 2019 година трофејот беше освоен по вторпат. Тогаш Вардар беше предводен од страна на Роберто Парондо, а имаа импресивни натпревари.

„Мојата трета победа во Лигата на шампионите дојде во 2019 година и тоа беше неверојатно. Многу играчи, како и тренерот Раул си заминаа таа година. Медиумите зборуваа дека тоа е крајот на Вардар. Останавме само неколкумина од оние кои ја освоивме првата титула, но и понатаму ја имавме врската. За нас не беше важно што не земавме плата навреме и што бевме уморни. Сакавме да се обидеме и да веруваме дека можеме повторно да ја освоиме титулата. Успеавме да ја надминеме секоја пречка и докажавме дека навистина чуда се случуваат“, коментира Чупиќ.

Репрезентативецот на Хрватска ги игра последните месеци во Вардар бидејќи од јуни се сели во екипата на ППД Загреб. Сепак, она што е сигурно е дека ќе остане миленик на навивачите на Вардар и откако ќе замине.