Червар за 24Ракомет: Во Македонија немав поддршка од тие што требаше да ми ја дадат

Селекцијата на Хрватска оствари четири победи на Европското првенство – ги совлада Белорусија, Србија, Црна Гора и Австрија, но допрва претстојат вистинските предизвици за избраниците на Лино Червар. Доколку славата против Германија, ќе бидат на чекор до полуфинале.

„На наптреварот со Германија ќе биде клучно да делуваме како тим. За нив има притисок да се биде или не, а ние ако победиме, ќе бидеме чекор до полуфинале. Нашите навивачи мораат сега да ни ја дадат најголемата поддршка, за која сме многу благодарни. Можеме да се пофалиме дека сме една од ретките репрезентации што има ваква поддршка и вакви навивачи. Тие се грижат за нашите ракометари како свои деца и свое семејство“, изјави Червар за 24Ракомет.

Хрватскиот селектор не сака да се залетува и да презема фаворитска улога.

„Не би сакал да говорам за фаворити, тоа би било препотентно од мене. Мораме да останеме скромни, да одиме по земја, да не летаме во облаци, да се бориме на секој меч, да се докажуваме секој ден – тоа е патот до врвот“, продолжува Червар.

Некогашниот тренер на Металург и македонски селектор се осврна и на настапот на македонската репрезентација и неговите поранешни играчи.

„Јас не би сакал да критикувам, лесно е сега оттука тоа да го правам. Не сакам да зборувам лошо, туку само позитивни. Секогаш сум кажувал дека треба да им се даде шанса на нашите деца, на македонските ракометари. Македонија е моја втора татковина, таму бев осум години, сите млади ракометари поминале низ моите раце. Се борев, работев, и јас верувам во нив. Треба да им се даде вистинската шанса, слобода во играта, да им се укаже на грешките. Тие се гладни за победи, за успеси, можеби требаше претходно јас да размислувам за нив, но немав поддршка во Македонија од оние што требаше тогаш да ми ја дадат за да продолжам да работам таму. Јас верувам во Талески, Кузмановски, Велковски и Танкоски, а има и други кои што се наметнаа додека бев таму. Има добра иднина македонскиот ракомет, само треба да се верува во своите деца“, продолжува Червар.

Тој доаѓа на приватна посета во македонската метропола.

„Во февруари доаѓам повторно во Скопје, тоа ми е вториот дом. Мојата сопруга секогаш ужива таму и јас во оваа прилика сакам да упатам голем поздрав до сите Македонци“, вели Червар.

Неговото име се споменуваше во комбинациите за тренер на битолски Еурофарм Пелистер.

„Не би сакал да зборувам сега за тоа дали добив понуда од Еурофарм Пелистер, но Жељко Бабиќ е одлично решение за клупата на битолскиот тим“, заврши Червар во крратко интервју за 24Ракомет.

Хрватска денеска има ден одмор, а утре ќе се соочи со Германија.