„Червар е мој ментор, а јас се стремам да бидам негов најдобар ученик“

Тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ, тренерската кариера ја започна во Автокоманда. Крајот на играчката кариера и почетокот на тренерската се случува во совршен тајминг за Јовиќ, кој како дел од стручниот штаб на Металург има можност занаетот да го учи од еден од најдобрите, Лино Червар, кој го смета за свој ментор.

Системот и начинот на работа кој Хрватот му ги пренел на Александар, тој и денеска ги применува во тренажниот процес. Интересно е што фокусот на Јовиќ е кон создавање на млади играчи, тоа го започна во Академијата на Металург, па го продолжи со младата генерација „металурзи“ кои ги водеше и во вториот тим, но и во првиот. Потоа им се посвети на најмладите во Академијата на Алушовски, за во последнава година да биде одговорен за расадникот на Еурофарм Пелистер 2.

„Кога ја завршив играчката кариера од тогашниот претседател на Металург, Ристо Чокрев ми беше понудено да останам во клубот како тренер, што јас прифатив. Имав голема среќа затоа што почетокот на мојата тренерска кариера се совпадна со доаѓањето на Лино Червар во Металург. Червар е тренер, кој исклучително го ценам и сите тие години додека беше дел од клубот учев од него, се советував со него, ги следев неговите тренинзи и според мене тој е еден од најдобрите тренери. Многу е оспоруван и мислам дека и во Македонија не го цениме многу иако сметам дека направи многу за македонскиот ракомет. И во Хрватска постојано го прозиваат и покрај фактот дека има освоено голем број на медали со националниот тим. Лино го сметам за мој ментор и системот кој тој го наметна во Металург го прифатив и работам според него и го спроведувам и во сегашниот клуб. Среќен сум што можам да ја работам работата која најдобро ја познавам и најмногу ја сакам, а и при тој процес да учам од еден од најдобрите“, потенцира Александар Јовиќ.

Целото интервју со Александар Јовиќ може да го прочитате во продолжение….

ИНТЕРВЈУ АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ: За создавање млади играчи треба систем и трпение, кои ние ги немаме