Чаневски: Ова е само прво полувреме од битката за титулата, шампионот ќе се одлучува во Битола!

Утре во Скопје ќе се одигра првото големо дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, а нивниот двомеч, според многумина, ќе го одлучи шампионот на Македонија.

Капитенот на битолчани, Градимир Чаневски, вели дека ова е еден од најважните натпревари за нив оваа сезона.

„Ова е еден од најважните натпревари оваа сезона. Вардар е бранител на титулата, а до пред половина година беше и шампион на Европа, па задачата да го симнеме од тронот ќе биде исклучително тешка. Во претсезоната успеавме два пати да го победиме Вардар, но нивниот ростер сега е променет и со сигурност ќе се подготвува повеќе за нас. Секако дека треба да се знае дека ова е само прво полувреме од борбата за титула и мислам дека се ќе се одлучува во реваншот во Битола, што значи дека секоја предност од првиот меч ќе биде многу важна за вториот натпревар“, вели Чаневски.

Публиката ќе им фали на играчите за поголема мотивација.

„Не можам да опишам колку ќе ни недостига публиката и се надевам на што побрзо враќање на трибините. Знаеме дека двете екипи имаат одлични навивачки групи и би го направиле дербито спектакуларно. Секако не треба да се заборави дека македонското првенство оваа година е доста квалитетно со одлични екипи кои имаат ростери за респект. Сепак мислам дека Вардар и Еурофарм Пелистер се издвојуваат со квалитетот и доколку играат на ниво не би имале проблеми со другите екипи“, заврши Чаневски.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:00 часот.