Чаир пред елиминација, висок пораз дома од холандскиот Венло

Ракометарките на Чаир се пред елиминација од Европскиот Куп, откако во првиот меч од двобојот со холандскиот тим Венло загубија на домашен терен со убедливи 13 гола разлика, 39:26.

Чаир, кој во новата сезона влезе со амбиции да оди чекор подалеку на домашна и европска сцена, немаше сили за надигрување против ривалот од Холандија. Венло победата ја запиша уште во првото полувреме, во кое даде 19 погодоци.

Тимот на Басри Љатифи имаше лош старт, губеше со 3:0, потоа имаше негатива од минус пет, 6:1, и како одминуваше времето, составот на Венло ја зголемуваше разликата во своја корист.

Веќе при резултат од 15:5 во 20-та минута, јасно беше дека Чаир ќе има тежок предизвик за да направи нешто повеќе во европскиот двобој со холандскиот тим , кој на полувреме замина со убедлива предност од плус десет, 19:9.

Во второто полувреме целосно се распадна играта на Чаир, грешките се зголемуваа, гостинките максимално го казнуваа невниманието на домаќинките и во 40-та минута предноста на Венло беше 14 гола разлика, 29:15.

Во останатиот дел, односно во последните 20 минути, составот на Венло од минута во минута ја зголемуваше предноста, во финишот се опушти и дозволи Чаир да намали, но не и да ја преполови негативата.

Најдобри стрелци во тимот на Чаир беа Дукоска и Николовска со по шест гола, додека Џамкиќ постигна пет. Реванш дуелот меѓу Чаир и Венло ќе се одигра на 30 септември во Холандија. Чаир на овој дуел ќе се обиде да се покаже во подобро издание.