Црна Гора без главниот дефанзивец на ЕП, на помош повикан екс вардарец!

Репрезентацијата на Црна Гора и селекторот Зоран Рогановиќ ќе имаат ослабен тим на Европското првенство, откако главниот играч во одбраната се повреди на еден од тренинзите.

Пивотот Небојша Симовиќ ќе паузира најмалку три седмици затоа што на првиот тренинг со екипата заработи повреда на бицепсот. После деталниот лекарски преглед утврдено е дека мускулот е скинат и го очекува пауза најмалку три недели.

Рогановиќ не чекаше многу и упати повик до некогашниот член на Вардар, Вук Лазовиќ.

„Симовиќ го повреди бицепсот и мора да мирува најмалку три недели. Затоа тој нема да оди на Европското првенство, а го повикав Вук Лазовиќ кој ќе ни се приклучи од 2 јануари. Доаѓа од Јужна Кореја на 30 декември и ќе ни се приклучи на тренинзите во новата година кога ќе ги продолжиме подготовките“, изјави Рогановиќ.

Црна Гора на ЕП ќе биде дел од групата А во Грац, заедно со селекциите на Србија, Белорусија и Хрватска.