Цинцадзе: Дуелот со Куманово е одлична можност да ги освоиме првите три бода во гости

По двата порази, против Бутел и Алкалоид, Охрид во Куманово ја гледа шансата за освојување на првите бодови на гостински терен.

Голманот на охриѓани, грузискиот интернационалец, Зураб Цинцадзе, кој на натпреварот со Алколид имаше 16 одбрани и беше најзаслужен што Охрид не загуби и поубедливо, вели дека дуелот со дебитанот во Супер лигата е одлична можност да се кренат, да ги освојат првите три бода на гости и да ја подигнат атмосферата во екипата.

„Нема чувство на разочарување, бидејќи ние сме нова екипа, има многу нови играчи и треба време да се воиграме, да го покажеме целиот потенцијал. Можеби на некои натпревари можевме да одиграме подобро, но тоа е што е. Атмосферата е добра, знаеме каде ни се грешките и како да ги поправиме. Нашиот тренер верува во нас и ние треба да го докажаме тоа на теренот. Дуелот со Куманово е одлична можност за тоа, да се крениме и да ги освоиме трите бода во гости“, изјави Грузиецот.

Охриѓани на овој натпревар ќе бидат посилни за новата аквизиција, десниот бек Дејан Шешиќ. Босанецот пред една недела дојде од француски Анжер и се очекува да биде сериозно засилување за остварување на високите цели на клубот.

„Очекуваме победа и три бода. Иако имаме два порази во гости, сепак атмосферата е добра. Како и за секој натпревар, така и кај Куманово ќе одиме да освоиме бодови. Нема да одиме на среќа, ќе се подготвиме добро за натпреварот и да донесеме три бода дома. Момците се супер, ме прифатија најдобро и јас сум задоволен“, изјави Шешиќ.

Натпреварот меѓу Куманово и Охрид се игра во сабота со почеток од 19:00 часот.