Циндриќ: Знаевме дека ќе биде тешко, но успеавме да го запреме Билик

Еден од најдобрите играчи на Хрватска од стартот на турнирот, Лука Циндриќ беше задоволен после победата над Австрија особено од тоа како одиграле во одбрана и напад.

Тој вели дека знаеле дека нема да биде лесно бидејќи виделе дека Австрија игра одлично на турнирот уште од неговиот почеток.

„Ние не очекувавме да биде лесно. Чекавме ова да биде тврд меч. Одигравме добра одбрана во првото олувреме, а нападот беше одличен. Одигравме 5-1 во одбраната со цел да го затвориме Билик, кој е најдобриот во нападот на Австрија и успеавме во тоа. Сè функционираше добро и ова беше сè на се добра средба за нас“, изјави Циндриќ после победата над Австрија.

Тој смета дека овој пат имаат долга клупа и дека е добро тоа што ќе може да сметаат на комплетниот состав.

„Имаме добри играчи и долга клупа. Турнирот е долг, па ќе имаме потреба од сите до крајот на турнирот. Можеби ние не сме меѓу фаворитите, но не се оптоваруаме со тоа. Ние одиме по нашиот план. Видовме што им се случи на Данска и Франција и знаеме што може да не очекува до крајот на овој шампионат така што сме подготвени за да одиграме на максимум“, коментираше поранешниот ракометар на Металург и Вардар, а сега член на Барселона, кој е еден од најдобрите во репрезентацијата на Хрватска.

Следната пречка за Хрватска ќе биде Германија веќе в сабота, а победа на тој натпревар ќе значи и чекор плус до полуфиналето.