Циндриќ за 24Ракомет: Сè во животот се враќа, им вративме за лани

Еден од најдобрите играчи на ова првенство во репрезентацијата на Хрватска, Лука Циндриќ имаше добро издание. Постигна три гола, но во решавачките моменти одлично се снаоѓаше на теренот така што е еден од оние кои имаа добар придонес во победата за полуфинале.

„Мислам дека овој натпревар не беше толку убав, но и ние и тие игравме доста грубо во одбраната. Знаевме дека мораме да одиграме одлично за да ја пробиеме цврстата одбрана на Германија и сметам дека ова е заслужен триумф за нас“, изјави Циндриќ за 24 Ракомет.

Смета дека имале одличен ден и дека ова е враќање за она што го пропуштија во минатата година.

„Ова е најслатката победа. Сè во животот се враќа. Минатата година тие нè победија сега ние им вративме. Така е тоа во спортот“, коментираше Циндриќ за 24 Ракомет.

Следната средба ја имаат в понеделник против Чешка, а потоа в среда се соочуваат со Шпанија во битката за првото место во групата.