Хрватска покажа моќ и ја декласираше Белорусија

Избраниците на Лино Червар имаа фантастично издание во второто коло од прелиминарната фаза на Европското првенство против селекцијата на Белорусија. Хрватска оствари убедлива победа од 31:23.

Хрватите имаа силен почеток и веќе во 8. минута имаа 5:1, а во 13. минута имаа пет предност кога беше 7:2. Следуваше мал пад на Хрватска што Белорусија го искористи и намали на само гол негатива. Најзаслужен што неговата екипа остана во предност беше Карачиќ кој единствено успеваше да реализира во кризните минути.

Финишот на првиот дел потполно им припадна на Хрватите кои постигнаа три последователни гола во завшницата со кои обзбедија предност на полувреме од 15:10. Во продолжението се покажа дека оваа предност е доволна за конечна победа. Многу рано во вториот дел Хрватска стигна до осум предност што беше недостижно за Белорусија.

Најефикасен во составот на Хрватска беше Игор Карачиќ со шест погодоци, а Лука Степанчиќ постигна пет. Во составот на Белорусија најдобар беше Микита Ваилупау со осум гола.

Холандија стигна до првата победа на Европските првенства откако во второто коло беше поуспешна од репрезентациајта на Летонија со 32:24. Холанѓаните имаа постојано водство во текот на натпреварот.

На полувремето Кристопанс и другарите веќе имаа големо заостанување од 10:16. Во продолжението немаа никакви шанси за пресврт. Холанѓаните предводени од Кај Смитс сигурно го приведоа мечот до конечна победа.

Повторно во тимот на Летонија најефикасен беше најдобриот играч Кристопанс кој постигна седум гола, додека за составот на Холандија Смитс беше најдобар стелец исто така со седум погодоци.