Хрватска го сврте мечот против Црна Гора и тргна со победа

После тешкото прво полувреме во кое репрезентацијата на Хрватска губеше со 12:13 против Црна Гора во вториот дел работите дојдоа на свое место, па фаворитот успеа да победи и со триумф од 27:21 да го отвори Европското првенство.

Од почетокот на средбата се виде дека Хрватска нема да има воопшто лесна задача. Црногорците први поведоа и лесно стигнаа до два погодока предност при 3:1. Сепак, после ова следуваше 3:0 серија за Хрватите, па се влезе во еден израмнет период во кој ниту еден состав не успеа да се одвои премногу.

Најголемата предност која Хрватска ја имаше беше исто така два гола и водеше со 9:7 и 11:9 во 25. минута кога дојде до криза после која противникот со четири гола го сврте одново мечот во своја корист и на одмор успеа да замине со предност. Црна Гора имаше 13:11, но на паузата резултатот беше 13:12 со што беше најавено уште повозбудливо второ полувреме.

Само што почна вториот дел брзите Циндриќ и Карачиќ ставија до знаење дека се решени да го свртат натпреварот, па им беа потребни десет минути за да ја донесат Хрватска до водство од 19:15.

Оттука работите тргнаа само уште подобро и во ниту еден момент немаше проблеми за составот на Хрватска да ја контролира средбата и да има рано обезбеден триумф. Црна Гора во обидите да дојде до подобар резултат грешеше, па не успеа да стигне до изненадување на првиот дуел на Европското првенство.

Најефикасен во Хрватска беше Циндриќ со шест погодоци, додека по четири имаа Мариќ и Хорват. Во Црна Гора, Немања Грбовиќ со шест гола беше најпрецизен. Голманите иако тргнаа добро не се прославија премногу. Шего го заврши мечот со шест, а Симиќ со седум интервенции.