Хосни: Еурофарм Пелистер поради мали детали ја загуби титулата, но годинава ќе биде поинаку

Едно од новите засилувања за Еурофарм Пелистер е десниот бек на туниската репрезентација Усама Хосни.

Хосни потекнува од Клуб Африкан, каде играше пет сезони пред да се пресели во Франција. Таму играше за Иври, Понто Комбо и три сезони во Истр. Договорот со Еурофарм Пелистер му е до 2024 година.

Тој откри како се случил трансферот во Битола.

„Ова е убаво искуство за мене. Можноста да дојдам во Македонија и да бидам прв ракометар од Тунис во Еурофарм Пелистер ми ја понуди мојот агент. Тој ми го претстави клубот и амбициите, можноста да се остварат добри резултати во Европа и да се освои македонското првенство. Ова е убава шанса за мене, тотално различно искуство од Франција, каде што играв. Оптимист сум и мотивиран сум за мојот нов предизвик“, вели Хосни.

Тунижанецот е оптимист кога се работи за дуелите со Вардар.

„Наидов на амбициозна група ракометари. Важно е да се бориме за титулата во Македонија. Го гледав последниот натпревар против директниот конкурент Вардар минатата сезона. За жал заради мали детали Еурофарм Пелистер ја загуби титулата. Но, оптимист сум дека годинава ќе биде подобро“, продолжи Хосни.

Десниот бек беше клучниот ракометар во 2015 кога Тунис славеше против Македонија во квалификациите за ОИ и ја отпиша Македонија.

„Ракометот има традиција на Балканот. Македонија има добра репрезентација, во 2015 година игравме важен натпревар во Полска за олимписките квалификации. Бев најдобар играч на тој натпревар, победивме и благодарение на тој натпревар, Тунис се квалификува за Олимписките Игри во Рио. Традиција е да излегуваат добри ракометари од Македонија, да имате добра селекција. Убав пример за тоа е Кирил Лазаров“, заврши Хосни.

Првиот официјален настап за битолскиот клуб, Хосни ќе го има во четвртфиналето на СЕХА лигата против Мешков Брест.