Халил Озтурк: Во Охрид сум како дома – желба ми е да играм во Германија или Франција

Ако сакаш да напредуваш треба да учиш од најдобрите, да играш со  најдобрите. Македонија важи за земја каде ракометот со децении е спорт број 1, а токму тоа е причината за трансферот на Турчинот Халил Озтурк кој моментно е дел од амбициозниот тим на Охрид. За Озтурк велат дека има голем потенцијал, и му треба само шанса и добар тим за да може да го покаже најдоброто. Охриѓани тоа веднаш го препознаа и откако заврши неговата ракометна авантура во Скопје веднаш го ангажираа.

Денеска Охрид од 19,30 часот пред домашна публика во салата во „Билјанини Извори“ го игра натпреварот против Вардар во рамките од 5 коло од домашното првенство, дуел на кој Озтурк повторно ќе биде меѓу оние кои ќе се обидат да му помогнат на тимот да оствари добар резултат против повеќекратниот и актуелен шампион на македонија.

Тој веќе шест месеци игра за Охрид. Вели дека е чест и привилегија да се игра ракомет во Македонија бидејќи тука сите знаат за ракометот, салите се полни, а атмосферата што ја прават навивачите е фантастична. Поврзаноста на македонската и турската култура прави тука да се чувствува како дома.

„Охрид е многу убав град и многу ми се допаѓа. Има толку многу јадења, како што е кадаиф, баклава, кои се слични како дома, има многу Турци кои живеат овде, исто така турската и македонската култура се слични, накратко кажано овде се чувствувам како во Турција“, истакна Озтурк во разговор за 24Ракомет.

За време на неговиот досегашен престој во Македонија, научил малку македонски јазик, но зачуден е од тоа колку ние користиме турски зборови во нашиот јазик. Тоа уште повеќе му помага да се чувствува како дома. Имаше опции дури и да се врати дома, по краткиот престој во Скопје. Но, пресудно за останувањето била понудата од Охрид, и тоа што Македонија е ракометна земја.

„Во Металург дојдов бидејќи беше големо ракометно име, но потоа изби кризата, доцнењето со исплатата на платите беше голем проблем и морав да барам друг тим. Можев да се вратам назад во Турција, но одбрав да останам тука бидејќи Македонија за разлика од Турција е ракометна земја, навивачите и атмосферата се неверојатни, тука сите знаат за ракометот“, раскажува Озтурк.

Неговиот нов тим сезонава, Охрид ангажираше доста ракометари и амбицијата им е да стигнат прво до плејофот, а потоа и до место во европските купови.

„Тимот направи многу добри трансфери, имаме многу нови играчи, десет, а можеби и повеќе, и ни треба време да се воиграме. Сепак се надевам дека ќе ги оствариме зацртаните планови и ќе успееме да играме на европска сцена“.

Неговото име деновиве се најде на списокот ракометари на Турција за првите два дуели од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. Вели дека е чест и задоволство да се настапува во националниот дрес, а на него останува со добри игри да го оправда повикот. Засега не може да даде прогноза за дуелите со Португалија и Македонија, но се надева на добра игра и евентуално изненадување.

Турскиот репрезентативец вели дека засега е сконцентриран на настапите за Охрид, но во иднина се гледа во една од двете најсилни ракометни лиги, германската односно француската.

„Да бидам искрен, мојот сон е еден ден да играм во Германија или Франција, тоа се најсилните лиги во Европа. Треба да тренирам напорно, да имам добри игри и се надевам дека еден ден тоа и ќе се оствари“, вели Озтурк.

Интересно е како воопшто Озтурк се решил да игра ракомет. Во Турција не се вложува многу во овој спорт, барем не во споредба со фудбалот и кошарката.

„Почнав да тренирам ракомет на девет годишна возраст, а причина за тоа е еден мој другар. Тој тренираше ракомет и ме повика еден ден да одам со него на тренинг. Бев воодушевен од играта, едноставно се заљубив во ракометот и од тој ден не можам да ја испуштам топката од раце, вели Озтурк кој открива дека омилен играч му е Микел Хансен, бидејќи играат на иста позиција, среден и лев бек.

Освен ракометот која е негова професија, Озтурк во слободно време сака да ја истражува историјата на регионот во кој живее и да игра плејстејшн. Ужива во прошетките и пиењето кафе со пријателите, а Охрид во тоа секако му дава шанса.

Како што и тој почнал да се занимава со ракомет, и сега многумина млади ракометари тргнуваат во спортот . Неговата порака за младите играчи кои допрва треба да станат професионалци е: „Верувајте во себе, работете напорно и не се откажувајте, само така ќе постигнете успех“.