Француска легенда ќе биде нов селектор на Тунис

Машката сениорска репрезентација на Тунис во иднина ќе биде предводена од новиот тренер, искусниот Патрик Казал од Франција, пренесува францускиот портал „Hand News“.

Селектор на Тунис во претходните две години беше Сами Саиди, кој на позицијата го наследи сегашниот селектор на Србија, Тони Херона.

Саиди пред околу два месеци доби отказ поради слабиот пласман на африканско првенство, на кое Тунис за првпат во историјата на ова натпреварување остана без медал освојувајќи го четвртото место.

Патрик Казал ова лето си замина од тренерската позиција од Данкерк, а челниците на ракометната федерација на Тунис решија искусниот тренер и поранешен репрезентативец на Франција да го ангажираат како нов селектор.

Со Казал, Данкерк во 2011 го освои Купот, па Лига Купот, а во 2014 стана шампион на Франција. Со францускиот тим имаше и солидни резултати на европска сцена.

Казал со репрезентацијата на Франција во 1995 и 2001 година го освои златниот медал на Мундијалите, додека во 1997 и 2003 на Светското првенство во Јапонија, односно Португалија, со својата селекција беа бронзени.