Фидановски и Субашевски го наполнија голот на Партизан

Ракометарите на Металург РА по убедливата победа над Шампион во првото коло од плеј-аут групата во Првата лига, денес одиграа уште еден ефикасен натпревар, овој пат против составот на Партизан од Гевгелија, во кој обезбедија висок триумф од 42:25.

Натпреварот беше решен уште во првото полувреме кога домаќините имаа водство од десет гола разлика, 12:2. Разиграни во првиот дел беа Фидановски, Петковски и Колевски, и главно со нивните погодоци домашната екипа одржуваше висока резултатска позитива. Гостите од Гевгелија немаа никакво решение како да го запрат налетот на домаќинот, кој на полувреме обезбеди предност, која беше изразена со девет гола разлика, 19:10.

Во второто полувреме, кое повеќе наликуваше на формалност, продолжи одличната игра на ракометарите на Игор Котевски, кои од минута во минута го зголемуваа водството на својата екипа. Партизан во второто полувреме успеа да постигне повеќе голови од првиот дел, исто како и домаќинот, но не можеше да го избегне денешниот дебакл во Автокоманда.

Најефикасни во победничката екипа со по осум погодоци беа Филип Фидановски и Дамјан Субашевски. Кај поразениот табор, листата на стрелци беше предводена од Ѓорѓе Банцалиски со осум гола.