Ферукоски: Ќе дадеме сѐ од себе за да го победиме Охрид

Екипите на Струга и Охрид претстојниот викенд ќе го одиграат езерското дерби во Суперлигата и првпат ќе ги одмерат силите во новата натпреварувачка сезона. Во сабота во Струга во 18:00 часот се игра првиот дел од двобојот на соседските тимови. Натпревар што во минатото носел неизвесност, борба, драма и многу набој.

Стружани пред својата публика ќе имаат мотивација повеќе за да дојдат до освојување на трите бода, додека составот на Горан Андоновски ќе атакува на сигурна победа, со цел да ги задржи шансите за пласман во плеј-оф фазата.

Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски смета дека со неговите избраници можат да дојдат до победа во езерското дерби.

„Oчекувам тврд и неизвесен натпревар, натпревар во кој мала предност им давам на гостите на Охрид. Сепак, ние играме на домашен терен, пред нашата публика, која секогаш е нашиот осми играч и секоја можност ќе ја искористиме за да го изненадиме противникот. Секако дека мотивот ќе биде голем за да дојдеме до победа во езерското дерби и можам да кажам дека ќе дадеме сѐ од себе за да ги освоиме бодовите од дерби дуелот. Охрид е екипа која атакува на 3-4 место и излез на европска сцена, имаат силен тим, тоа го покажаа против Вардар, но ние нема да се предадеме и ќе се бориме до последната секунда, па нека победи подобриот”, изјави Ферукоски.

Натпреварот меѓу Струга и Охрид ќе се одигра во сабота (8 октомври) во салата при СОУ „Нико Нестор“ со почеток од 18:00 часот.