Фантастична партија на Шокоски, сам го победи Куманово!

Ракометарите на Прилеп предводени од левиот бек Давор Шокоски дојдоа до втората победа во новата натпреварувачка сезона во Суперлигата, откако на свој терен го совладаа составот на Куманово со резултат 33:29. Шокоски беше носителот на играта кај прилепчани и со 15 погодоци, шест во првото и девет во второто полувреме, сам го победи гостинскиот состав.

Клучен момент за победата на домаќините беа последните десет минути од првото полувреме кога целосно го скршија отпорот на гостинот, се одлепија на 15:10 и до крајот на натпреварот имаа целосна контрола на теренот. За ракометарите на Куманово денешниот пораз беше шести и во следниот натпревар, против екипата на Струга, ќе ја бркаат втората победа.

Гостинската екипа имаше добар старт, поведе со 3:1 во воведниот дел, но во понатамошниот тек од првите 30 минути ракометарите на Куманово се мачеа да ја најдат најдобрата постава со која може да играат, бидејќи единствено преку Вучко Мрвовиќ доаѓаа до реализација во првите петнаесетина минути. По водството на Куманово од 4:2, се разиграа бековите на домашната екипа и составот на Прилеп со серија од 3:0 дојде до водство од 5:4.

Куманово преку Мрвовиќ израмни на 5:5 и му дозволи да домаќинот да биде подоминантен во останатите 20 минути од дуелот. Прилеп за првпат поведе со два гола разлика во 10 минута, 8:6, потоа кон средината на првиот дел имаше и 10:7, а во 15 минута Бикоски му ги донесе на домаќинот дотогаш највисоките плус четири гола разлика и водство од 11:7.

Куманово немаше решение за Давор Шокоски, кој во првото полувреме постигна шест гола, дел од нив беа во моментите кога Прилеп започна да се одлепува на сериозна предност. Прилеп на пет минути пред крајот на првиот дел зголеми на 15:10 и во финишот немаше поголеми проблеми да ја сочува предноста и на пауза да замине со активен резултат од 18:12.

Гостите на стартот на вториот дел ја потпишаа капитулацијата и до крајот немаа доволно сили да им парираат на домаќините. Домашниот состав со головите на Шокоски и Лозаноски зголеми на 20:12. Во вториот дел домаќините полесно играа, ги казнуваа грешките на ривалот и во еден момент имаа и девет гола разлика (22:13).

Прилеп во последниот период се опушти, а тоа го искористи гостинот за да ја преполови негативата. По водството на Прилеп од 28:21, гостите направија серија од 3:0, намалија на 28:24 и до крајот се бореа да дојдат до егал и да се обидат да направат пресврт, но не успеаја во посакуваната цел.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Прилеп, Давор Шокоски, кој постигна 15 погодоци во мрежата на гостинот, но и подели и неколку асистенции кон своите соиграчи. Во поразениот табор Вучко Мрвовиќ постигна седум, Влатко Таевски шест, додека Даниел Постоловски имаше пет реализации.