Тренерот Вујовиќ доби засилувања во стручниот штаб на Вардар

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ го зголеми и засили стручниот штаб на „црвено-црните“. Во работата на вардарци на тренинзите се приклучува и Стојан Петрушевски кој се враќа во екипата што своевремено ја предводеше не само во Супер лигата туку и во Лигата на шампионите.

Петрушевски повеќе од две децении е дел од Вардар, и беше на различни позиции, од тренер на првиот тим, на втората екипа и на младинскиот погон. Како тренер на „црвено-црните“ беше и првак на Македонија и освојувач на Купот во повеќе наврати. Беше и селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Работеше заедно и со Вујовиќ во неговиот претходен мандат во Скопје, а беше дел од првата шампионска екипа на Вардар во СЕХА лигата.

Лани работеше во Работнички каде најголемиот дел од играчите беа на Вардар.

Сезонава Вардар има 25 играчи во ростерот и ќе игра на три фронта истовремено, во домашното првенство, во СЕХА лигата и во групната фаза од Лигата на шампионите. Поради честите патувања на екипата дел од играчите ќе се ротираат и ќе играат во различните првенства. Затоа и стручниот штаб е зголемен. Покрај Петрушевски во стручниот штаб на Вардар се уште и Александар Рогановиќ и Владо Недановски.

Вардар веќе три недели се подготвува за новата сезона, а денеска ќе го има и првиот контролен меч против Металург во Скопје. Потоа „црвено-црните“ ќе го играат мечот од Супер купот против Еурофарм Пелистер на 11 август во Скопје, а веќе од 12 до 15 август ќе играат и на турнирот во Струга.

На крајот на месецот се двата четврт-финални натпревари од СЕХА лигата против ППД Загреб.