Трансфер бомба од Нови Сад: Репрезентативец на Белорусија потпиша за Војводина

Амбициозниот тим на Војводина полека го комплетира тимот пред стартот на новата сезона, во која ќе влезе со амбиции да ја одбрани домашната титула.

Иако клубот го напуштија поголемиот дел на ракометари, кои што беа носители на играта, сепак, раководството на Војводина успеа во своите редови да го донесе репрезентативецот на Белорусија, Борис Пуховски, пренесува „Балкан-хендбол“.

Средниот бек на Белорусија седум сезони настапуваше во украинскиот шампион Мотор Запорожје. Поради ситуацијата во Украина, белорускиот репрезентативец мораше да го напушти украинскиот клуб и да пронајде алтернативна замена, па така последните месеци од изминатата сезона ги мина во СКА Минск, клуб чиј дрес го носеше на почетокот на својата кариера.

Искусниот ракометар настапуваше и за екипите на Динамо Минск и унгарски Чургу. Пуховски за репрезентацијата на Белорусија има одиграно 203 меѓународни натпревари и има постигнато над 800 погодоци во репрезентативниот дрес.