Трансфер бомба во Панчево: Унгарски репрезентативец потпиша за Динамо!

Екипата на Динамо од Панчево, која е предводена од поранешниот тренер на ЖРК Куманово, Ненад Краљевски, формира тим, кој ќе биде конкурентен за шампионската титула на домашна сцена во следната сезона. Раководството на клубот во претходниот период ангажираше неколку квалитетни засилувања, а најновото засилување во тимот доаѓа од Унгарија.

Станува збор за репрезентативецот на Унгарија, Стефан Сунајко. Раководството на клубот преку клупската страна официјално ја најави едногодишната соработка со унгарскиот репрезентативец, кој е четврто засилување во клубот од Панчево.

Младиот ракометар во редовите на Динамо Панчево ќе пристигне од екипата на Татабања. Сунајко има двојно државјанство, српско и унгарско, роден е во Сомбор, но 24-годишниот ракометар настапува за унгарската репрезентација.

Во Татабања ги мина последните две сезони, а во сезона 2019/20 го имаше првото интернационално искуство, беше дел од шведски Савехоф. Пред да се пресели во Шведска, три сезони го носеше дресот на ПИК Сегед.

Динамо Панчево претходно се засили со левиот бек Душко Челица и двајцата голмани Немања Марјановиќ и Обрад Ивезиќ. Клубот во изминатата сезона ја освои 3. позиција во домашниот шампионат и избори место на европска сцена.