Традицијата на Струшкиот турнир продолжува со „мини лига“ со македонски екипи

Август секоја година е месецот во кој централниот настан е Струшкиот турнир, но како и сите натпреварувања сезонава и тој е во голема неизвесност бидејќи не е познато што ќе се случува во следниот период со коронавирусот.

Како што стојат работите турнирот би требало да се одржи, но останува во неизвесност до последен момент поради зголемениот број на заболени лица.

„Турнирот се игра на отворено и тоа е еден мал плус за нас. Сепак, ситуацијата со коронавирусот не држи сите во неизвесност. Планираме да продолжиме со традицијата и со одржувањето, а каков ќе биде форматот ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат работите со коронвирусот. Меѓутоа со оглед на тоа што наближува август не препуштаме ништ на случајот. Направив разговор со македонските тимови и сите се согласни да учествуваат. Имам потврда за заинтересираност од Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер, Охрид, Пролет, Бутел Скопје, Прилеп… Сите сакаат на некој начин да направиме една домашна мини лига во Струга и на тој начин да го одбележиме годинешното издание на турнирот“, вели претседателот на Струга, Наумче Мојсоски.

Поради тоа што границите не се отворени, но и поради тоа што уште нема дозвола за доаѓање на тимови од страна, засега нема план за екипи од други земји на турнирот.

„Имам јавувања од повеќе земји. Се јавуваат и од Израел, Романија… Над десет екипи бараат да дојдат и да учествуваат на турнирот, но засега не можеме да дозволиме поради тоа што никој не може да гарантира како ќе биде ситуацијата со коронавирусот и со карантините во август. Не можеме да гарантираме дека ќе има можност за учество на екипи од страна, па затоа ќе се насочиме кон нашите тимови. Немаат каде да одат во тој период и подобро е да ја искористат можноста за подготовка за новата сезона“.

Се работи сериозно на организацијата. Засега се контактираат надлежните институции за да може да се добие дозвола за организација на натпреварите.

„Веќе го исконтактиравме кризниот штаб и министерот за да добиеме некакви насоки. Очекуваме деновиве да добиеме информација како да се движиме во следниот период и со организацијата така што ќе се приджуваме до упатствата. Она што е сигурно е дека турнирот ќе го одржиме во август. За старт е предвиден 12 август, но ќе биде дополнително познато колку време ќе трае. Уште не е познато дали учество ќе земат осум или десет екипи“.

Секако во целата ситуација останува да се види и како ќе се одвиваат работите во однос на публикта. Нема да биде исто дали натпреварите ќе се играат пред навивачи или пред празни трибини. Во исто време се мисли и на здравјето на сите.

„Ризикот ќе постои бидејќи се работи за спорт со контакт. Ќе биде ризично и за играње со публика. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, но не сакаме да да предизвикаме проблеми за никого. Здравјето е на прво место. Турнирот нема да биде ист со или без публика, па затоа ќе мораме да внимаваме и во тој дел“, коментираше за 24Ракомет, Наумче Мојсовски.

Засега останува сè како што е последниот план односно годинешното издание на Струшкиот да биде со исклучиво македонски екипи и тоа да биде една мини лига пред почетокот на новата сезона.