Тиквеш не беше закана, пелистерци лесно до бодови

Екипата на Еурофарм Пелистер во натпревар од 6. коло од Суперлигата оствари рутинска победа против амбициозниот тим на Тиквеш, со резултат 30:21. На домаќините околу десетина минути им требаше за да го скршат отпорот на гостинот и да дојдат до убедлив триумф.

Мотивираните гости од Кавадарци во воведниот дел успеаја да бидат рамноправен противник во дуелот со македонскиот вицепрвак, но во останатиот дел немаа многу опции за изненадување и чекор по чекор го губеа дуелот. Тиквеш тргна со водство од 1:0 и во уште неколку наврати имаше минимално водство. Откако Тиквеш поведе со 4:3, домаќинот направи серија од 3:0 и во 10 минута стигна до највисоките дотогаш „плус 2“, 6:4.

Тиквеш само за момент успеа да намали на 6:5, дозволи домаќинот да направи серија од 6:0 и да се одлепи на 12:5 и веќе во тој момент сите дилеми околу победникот на овој дуел беа решени. Избраниците на Валтер постепено градеа сигурна предност, разиграни беа крилните играчи Костески и Стоилевски, па така „фармацевтите“ без проблем заминаа на полувреме со водство од 16:9.

Второто полувреме, кое повеќе наликуваше на формалност, не донесе поголема промена во играта кај двата табора. Домаќините не дозволуваа лесни погодоци во својата мрежа, рутински ја чуваа резултатската предност од првиот дел и во 40 минута дојдоа до највисокото водство од десет гола разлика, 21:11.

Еурофарм Пелистер во последните дваесетина минути играше без Емилијан Ѓорговски, кој заработи црвен картон поради груб прекршок. Составот на Валтер рутински го одработи последниот период, ја казнуваше секоја грешка на противникот и го водеше натпреварот до сигурен триумф.

Најефикасни во победничката екипа со по пет гола беа Гоце Ојлески, Ненад Костески и Никола Стоилевски. Во поразениот табор се истакна Мартин Димовски, кој ја предводеше листата на стрелци во својот тим со шест гола.