Тарабокија: Металург создаде искусен и квалитетен тим, ќе биде сериозен ривал за сите

Последното засилување за тимот на Металург е босанскиот репрезентативец Марко Тарабокија. Средниот бек претходно беше дел од Загреб, Марибор, Азоти Пулави, Висла Плоцк, Сесвете и Чурго, а сега ќе игра за тимот од Автокоманда.

Тарабокија верува дека Металург ќе биде сериозен ривал и на Вардар и на Еурофарм Пелистер во новата сезона.

„Среќен сум што станав дел од голем и афирмиран клуб каков што е Металург. Уште од самиот почеток на преговорите верував дека ќе договориме соработка, бидејќи ме привлекоа нивната желба и амбиција за повторно создавање силен и квалитетен тим. Металург сезонава состави многу добра, искусна и квалитетна екипа и верувам дека ќе биде сериозен противник во домашното првенство. Исто така, верувам дека ќе бидеме дел и од новоформираната Лига на Европа и дека клубот ќе го претставиме во најдобро светло во дуелите со квалитетните европски тимови. Ситуацијата со коронавирусот сите нѐ изненади и нѐ оддалечи од теренот, така што со нетрпение ги очекувам подготовките и почетокот на новата сезона за повторно да се вратиме во колосек. Се надевам дека полека ќе се смири ситуацијата и дека непречено ќе тече новата сезона“, изјави Тарабокија за веб сајтот на Металург.

Иако требаше да стартува со подготовки на 20 јули, тимот од Автокоманда ги одложи за една седмица и тренерот Кастратовиќ ќе ги собере ракометарите на 27 јули.