Танкоски: Можам да се носам со поискусните во ист тим

Еден од помладите во репрезентацијата на Македонија организаторот на играта на Металург, Марио Танкоски е убеден дека македонската селекција ќе биде дел од вториот круг на Европското првенство.

„Очекувам да ја поминеме првата фаза и сигурен сум дека ќе го направиме тоа. Сакаме да бидеме на првото место во групата. Европското првенство секогаш е потешко од Светското бидејќи се работи само за европски селекции кои се поквалитетни од оние од Африка или од Азија. Во вториот круг ќе вкрстиме со пеколно тешки противници каде што ќе не чекаат Хрватска, Германија, Шпанија… Не треба да се набројувам бидејќи квалитетот доволно говори за нив“, вели Танкоски.

Тој ваквиот став го има поради одлично одработените подготовки и во декември и сега во јануари.

„Имавме добри подготовки. Игравме доста натпревари, како без поикусните така и со нив. Одигравме сосема добри средби. Го освоивме турнирот во Романија каде што победивме една одлична репрезентација со квалитетни ракометари кои играат во Германија, Франција… Тоа ни дава голема самодоверба дека ќе се пласираме понатаму.

Не е дебитант на големите натпреварувања бидејќи играше и лани на Мундијалот така што добро знае како е да се биде дел од ваквите шампионати.

„Од првиот собир пред светското првенство лани до денес сум многу поопуштен и поподготвен. Искусните ме прифатија одлично и во овој момент самодовербата ми е голема и можам да се носам со нив во ист тим“, заврши Танкоски.

Првиот меч Македонија ќе го има утре од 20:30 часот, а противник е селекцијата на Украина.