Талески: Tреба максимално да сме фокусирани и да ги искористиме слабостите на Чешка (ВИДЕО)

Македонската репрезентација во среда ја очекува првиот натпревар против Чешка во двомечот од баражот за пласман на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Полска и Шведска.

Еден од носителите на македонската репрезентација, Филип Талески, кој на последните натпревари во репрезентацијата се покажа во одлично светло, истакнува дека воопшто нема да биде лесно против чешката репрезентација, но се надева дека со своите соиграчи ќе имаат успешен старт во првиот обид за мундијалска виза.

„Можеби е некоја традиција да играме постојано со репрезентацијата на Чешка за овие баражи или квалификации за Европско или Светско првенство. Двете репрезентации добро се познаваме. Се собравме во саботата, гледаме секој ден видеа и се спремаме максимално да одговориме на тоа што не очекува, особено на првиот натпревар во Чешка. Нема да биде лесно, се работи за квалитетна репрезентација, видовме дека тие на Европското првенство со сите селекции се носеа. Мора да излеземе на терен и од таму да ја почнеме мисијата, а мисијата е пласман на Светското првенство“.

Левиот бек смета дека и двете репрезентации имаат што да покажат на терен

„Чесите играат еден променлив ракомет. Чешка игра квалитетна одбрана и транзицијата му е една од поглавните оружја. Млади се, трчаат, меѓутоа и ние имаме млада репрезентација каде што треба да одговориме со иста мера. Сите играчи кај нив играат во квалитетни клубови, не смееме да ги потцениме и како што кажав, треба да се фокусираме на нашата цел, а тоа е пласман на Светското првенство“.

Чешка со новиот селектор, Хавиер Сабате, како и со шпанскиот систем на работа, сигурно ќе има подготвено изненадување за македонската репрезентација, тоа го потврдува и Талески, кој изјавува дека можеби новата структура во играта кај Чесите ќе биде плус за македонската репрезентација.

„За таков систем според мене треба време. Можеби од една страна тоа е некој плус за нас, но не смееме да бидеме опуштени. Се работи добро во тој квалитетен систем, сите детали се анализираат и тие не анализирале нас, очекуваме некои изненадувања…. Треба максимално да сме фокусирани, нивните слабости да ги искористиме и да направиме добар резултат“.

По натпреварот во среда Македонија во недела ќе ја пречека Чешка во реваншот од овој двомеч.