Талески: Митревски и Ристовски ми кажаа се за Бенфика, ќе работиме напорно да ги оствариме целите!

Македонскиот репрезентативен лев бек Филип Талески денеска беше промовиран како нов ракометар на португалската Бенфика.

Тој се обврза на двегодишна верност со тимот од Лисабон, со можност соработката да биде продолжена ако двете страни се задоволни од соработката.

Талески изрази задоволство од потписот и вели дека неговите колеги Митревски и Ристовски му кажале само убави работи за Бенфика.

„Среќен сум што ќе играм за Бенфика. Станува збор за голем клуб. Зборував со моите колеги Никола Митревски и Борко Ристовски, и тие ми кажаа се за клубот. Се работи професионално и секоја сезона се бори за титулата. Ќе работиме напорно со соиграчите да ги оствариме нашите цели. Знам дека Бенфика има многу фанови и нивната поддршка многу ќе ни значи на секој натпревар“, вели Талески.

Покрај домашните предизвици, Талески и Бенфика ќе бидат дел во новата сезона и од Лигата на Европа.

За македонскиот репрезентативец ова е трет меѓународен предизвик, откако претходно играше за Балинген и Рајн Некар Левен.

ОФИЦИЈАЛНО: Филип Талески е нов ракометар на Бенфика!